Спортската арена „Билјанини Извори“ петок на 13 и сабота на 14 мај ќе биде домаќин на завршницата од Купот на Македонија во која ќе учествуваат екипите на Вардар, Металург, Вардар Јуниор и Охрид.


Дневниот билет за петок кога на програмата се полуфиналните мечеви изнесува 50 денари, а цената на билетот за финалниот меч в сабота изнесува 100 денари.

– Ја изразувам благодарноста што Охрид оваа година е домаќин на ракометниот куп на Македонија. Овој настан е само продолжение на успешната низа од големи спортски настани од државен, регионален и европски ранг, на кои Охрид е домаќин изминатите три години. И овој пат ќе бидеме добри домаќини на финалистите на Купот на Македонија во ракомет. Што се однесува до делот на организацијата и подготвеноста на објектот каде ќе се одиграат натпреварите, со задоволство можам да кажам дека арената Билјанини извори е подготвена и овој пат да биде центар на спортската јавност, и ја користам оваа прилика да ги поканам сите граѓани на Охрид, сите граѓани на Македонија на 13 и 14 Мај да дојдат и да ги следат натпреварите на Купот на Македонија во ракомет. – рече директор на ЈП, Билјанини Извори, Ристе Мишев.

Билетите за Ф4 турнирот во Охрид во распродажба ќе бидат пуштени в четврток после пладне на билетарата од спортската арена „Билјанини извори“.

Куп возбудувањата во „Билјанини Извори“ ќе започнат в петок во 17:30 часот со мечот меѓу Металург и Вардар Јуниор, а ќе продолжат со натпреварот меѓу домаќинот Охрид и Вардар во 20 часот. 

Големото финале во Купот на Македонија е закажано за в сабота со почеток во 17:30 часот, а ќе се сретнат победниците од полуфиналните мечеви.

Мх.П.