По речиси една година натегања, конечно се надминати недоразбирањата  околу приклучувањето на  Информативниот центар на Националниот парк „Галичица“ на водоводната и канализационата мрежа. Деновиве е  ископан канал низ кој ќе поминуваат цевките кои објектот вреден 200 000 евра ќе го поврзат во системот.


Информативниот центар беше пуштен во употреба во ноември 2009 година, но се уште не работи, затоа што НП „Галичица“ и општината не можеа да се договорат кој треба да ги сноси трошоците за инфраструктурно поврзување на објектот, кои според изготвениот проект на МЈП „Проаква“ изнесуваат 160.000 евра. Овој проблем конечно е надминат и јавната установа НП „Галичица“ која ги има платено комуналиите наскоро ќе може да ги користи новите простории, кои се донација на италијанската влада.


Информативниот центар на Галичица конечно ќе биде ставен во функција

Еден дел од Информативниот центар, ќе биде наменет за канцеларии за вработените во НП „Галичица“, а другиот дел е предвиден за презентација на културното и природното наследство на националниот парк и на градот Охрид.

OhridNews