Министерството за култура на Република Македонија во соработка со Канцеларијата на „Креативна Европа – Култура“ на Кралството Белгија, утре на 25-ти мај 2016 година со почеток во 10 часот во Центарот за конференции и студии при Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје организира  Инфоден и работилница за програмата „Креативна Европа – потпрограма Култура“.

На настанот ќе бидат претставени белгиското искуство во програмата и двата успешни проекти поддржани од оваа програма „Блекборд музички проект“ од Музичка младина на Македонија и поетската платформа „Версополис“  од НУ Струшки вечери на поезијата.

Работилницата во втората сесија е наменета за заинтересираните учесници со цел да се подготват за претстојниот повик за аплицирање за категоријата „Проекти за соработка“ чиј краен рок за доставување на апликациите до Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура при Европската комисија е 5-ти октомври 2016 година.

Ова е прв заеднички јавен настан на двете канцеларии кој, меѓу другото, има цел да ја зајакне соработката меѓу културните оператори од двете земји во рамки на европската културна соработка.

OhridNews