Советниците денес ја одржаа 45-тата Седница на совет, каде советниците имаа право да постават прашања упатени кон градоначалникот на Општина Охрид, секторите и надлежните служби. Меѓу прашањата и оние кои се однесуваа на индустриската зона, урбанистичките планови за Косел, но и дејствувањето на инспекциските служби на терен.

Пред две три години се донесе план за индустриска зона на потегот од магистралниот пат Охрид-Битола наспроти градските гробишта и завршува со помошниот пат од кај Застава за Лескоец. Дали се предвидени или ќе се предвидат во идниот буџет средства за експропријација на земјиштето како би можела да се направи оваа инфраструктура за да може да отпочнат тие кои се заинтересирани да градат во оваа зона, беше прашањето кое советникот Ванчо Костоски го упати до градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Градоначалникот Пецаков истакна дека точно е тврдењето дека пред година-ипол или две е донесен урбанистичкиот план за индустриска зона во Охрид, но се уште не се отпочнати никакви процедури од страна на сопствениците на местата околу намената на самиот урбанистички план.

Општина Охрид ќе направи за почеток една финансиска пресметка или процена која ќе биде направена врз основа на официјални параметри, доколку експропријацијата и уредувањето на земјиштето ги надминува оние приходи коишто ќе пристигнат од одобренијата за градба и се поголеми тогаш ќе направиме да можат луѓето сами да го уредуваат земјиштето, а да не плаќаат комуналии. Ќе ги решаваме место по место, односно онака како што ќе има заинтересирани инвеститори и за тоа ќе бидат предвидени средства на годишно ниво, не само за таму, туку за секаде каде што е потребно. Ќе ги решаваме место по место, а не генерално и вкупно како што е за целото место. Ќе почекаме да видиме заедно со сопствениците и инвеститорите како ќе се одвива интересот и како ќе почнуваат постапките па врз основа на финансиската проценка ќе одлучиме.

Костоски праша и до каде е постапката за донесување на план на потегот кај фабриката Костал, бидејќи посочи дека беше во склоп на изготвување на планови за село Косел, но беше издвоен.

И бидејќи две три години се провлекува ова прашање, би сакал да знам до каде е постапката за изготвување на планот?, праша.

Тања Стојческа од Сектор за урбанизам  посочи дека почнато е со урбанизација на село Косел, а посебно го издвоиле делот, индустриската зона кај што е Костал.

Таму во моментов се работат 8 урбанистички проекти и се работи урбанистички проект за Костал. Во постапка се, во моментов треба да се подготват стратешките оцени за влијанието на животната средина за да може да се довршат урбанистичките проекти. Инаку од урбанистички аспект се готови. Сега го чекаме делот од Животна средина за да може да ги довршиме. Имаме и урбанистички проект за Костал и тој е во постапка на разработка, а додека целиот опфат на село Косел е во фаза на порачка на Хидролошка студија за канализирање на реката за да може да продолжи урбанизацијата, потенцираше Стојческа.

Костоски упати и прашање до комуналната инспекција во поглед на тоа што Охрид доста засилено се гради и отпочнати се објекти на повеќе локации.

Дали имате извршено увид бидејќи дел од овие инвеститори ги узурпираат и тротоарите и по две-три метри од патот со градежни материјали, рече Костоски.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Кистески посочи дека при секое известување за почеток на градба од страна на инвеститорите градежниот инспектор излегува на терен, на лице место и се констатира доколку има некои неправилности.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски