Градежните парцели во индустриската зона „Мауцкер“ наскоро ќе бидат достапни за компаниите кои сакаат да отворат нови или да ги прошират постоечките индустриски капацитети. За таа цел на денешната седница на советот на општина Охрид беше усвоен Урбанистичкиот план за оваа зона која се протега на површина од 17,92 хектaри.
-Во рамки на зоната „Мауцкер“ предвидени се 14 парцели коишто по транспарентна постапка, предвидена со закон ќе бидат понудени на сите компании кои се заинтересирани за инвестирање. Нас особено ќе не радува фактот доколку охридските компании бидат заинтересирани за изградба на овој простор. Доколку за ова земјиште аплицираат локални компании, ние ќе бидеме првата општина во Македонија којашто успеала за своето стопанство, да изгради индустриска зона, вели Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.
Тој се надева дека продажбата на овие парцели ќе започне наскоро.
-Во рамки на парцелите со архитектонско урбанистички проект може да се предвидат повеќе градби во рамки на еден блок. Тоа е намерно направено, со цел да се остави можност инвеститорот подетално урбанистички да си го испланира просторот, појасни Спасески.
Инаку екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ на почетокот на јануари годинава започнаа со активности за расчистување на градежниот шут и отпад од локалитетот „Мауцкер“.
OhridNews