Под будното окона Индира Кастратовиќ и помошникот Јан Питлик ракометарките на Вардар ги поминуваат тренинзите во охридската арена „Билјанини Извори“.
Експедицијата на Вардар прв пат доаѓа на подготовки во Охрид што ќе биде почеток на една традиција која ќе се негува.
– Кога прававме планови за подготовките веднаш го вметнавме и Охрид во нив. Во овој период од годината градот е најубав за спортски подготовки. Времето е перфектно за тренинг и одмор, а нас тоа моментално најмногу ни треба. Тука ќе работиме на физикусот додека психички ракометарки ќе бидат комплетно ослободени. – рече Кастратовиќ.
Женскиот првак во македонскиот шампионат има големи цели за сезоната која доаѓа. „Црвено црните“ две сезони по ред учествуваат на Ф4 турнирот во Лигата на Шампиони, но мечевите ги завршуваат на чекор од финалето во полуфиналните пресметки.
– Секако дека имаме големи цели и планови, но со тоа од сега не се оптоваруваме. Ќе одиме трпеливо чекор по чекор, натпревар по натпревар и само така ќе успееме до нашите зацртани цели. Сите во тимот посакуваме само успеси, но за тоа треба да се работи напорно на тренинзите. Сезонава има доста јаки противници затоа уште од сега не треба да си правиме притисок за тоа што треба да биде следната година. – додаде Кастратовиќ.
По заминувањето од Охрид ракометарките на Вардар ќе одиграа контролни натпревари со данската репрезентација што ќе бидат финални проби пред почетокот на Лигата на Шампиони.
Мх.П.