Индира Кастротовиќ со трофеј од македонскиот шампионат ја започна тренерската одисеја во тимот на Вардар. Ракометарките на Вардар во финалето со 2-0 го совладаа Металург и му ја подарија првата титулата на Кастратовиќ како тренер.


– Притисок има во секоја работа. За успех некогаш треба и ризик. Таква бев и како играч. Со поддршката на клубот се справив со тој предизвик и беше полесно да се продолжи –
рече Кастратовиќ во интервјуто за “Дневник“ и продолжи – Немав голем притисок за титула. Имавме поставена цел, да донесеме квалитетни играчи, бевме подготвени на се, да направиме структура во клубот и некако по себе доаѓаше и да се освои титулата. Бев фокусирана на мечевите за плејоф. Така и ги подготвував и девојките, да бидат најподготвени тогаш.

Кастратовиќ во женскиот ракомет во Македонија остави неизбришлив белег и секогаш ќе остане запаметена како најдобра ракометарка. Таа својот авторитет максимално го користи кога е на теренот за доброто на екипата.

– Треба да се знае кој е шеф на теренот, а тоа сум јас. Сите се дојдени со цел да дојдеме до успех. Сите се остварени како играчи и сите сакаат да имаат резултат. Нема да има проблем зашто секој си ја знае својата работа и сериозно си ги извршува задачите – истакна Кастратовиќ.

Тимот од Вардар за наредната сезона ангажираше неколку ракометарки од светски калибар. Главна цел за клубот и тренерот е пласман во топ 16 од Лигата на Шампиони.

– Да ги поминеме квалификациите во Лигата на шампиони и да влеземе меѓу 16-те најдобри. Сакаме да одиме чекор по чекор. Најважно е да ги поминеме квалификациите, па ќе видиме како ќе биде. Ќе има мечеви што ќе ги победиме, можеби и неочекувано, на некои ќе загубиме, но влез во топ-16 е најважно за нас –
посочи Кастратовиќ.

Мх.П.