Најотворени општини во државава се Охрид со индекс од 51 отсто, Василево со 48 отсто и Кочани со 48 проценти, додека најзатворена општина е Пласница со индекс од три отсто, покажуваат резултатите од Индексот на отвореност на единиците на локалната самоуправа во Северна Македонија за 2021 година, презентирани денеска од Фондацијата Метаморфозис во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Истражувањето за 2021 година покажа дека повеќето општини не работат доволно за да ги задоволат стандардите за отвореност. Резултатите во областите укажуваат на тоа дека единиците за локална самоуправа (ЕЛС) применуваат ниски стандарди за консултации, транспарентност, мониторинг и контрола во нивното работење. Просечната отвореност на општините за 2021 година изнесува ниски 25 отсто.

Транспарентноста и отчетноста треба да бидат појдовни принципи во работењето на општините. Иако декларативно сите ЕЛС се залагаат за поголема транспарентност, во суштина многу мал дел од нив ги објавуваат сите потребни информации поврзани во нивното работење. Поголемата транспарентност на ЕЛС е исто така значајна алатка во борбата со дезинформации и лажни вести, се вели во истражувањето.

Горан Лазаревски, директор на Проект на УСАИД за граѓанско учество, истакна дека борбата против корупцијата е директно поврзана со барањата и капацитетите граѓанскиот сектор, кој не треба само да бара резултати од јавниот сектор, вклучувајќи го тука и локалното ниво на управување, туку и да го помага да се прилагоди.

Отвореноста на податоците од општините бара интензивна работа, бара ресурси, и материјални и човечки, подготовка и континуираност, што не е лесно да се обезбеди, бидејќи, сериозен дел од нашите општини имаат ограничени ресурси и треба да бидеме свесни за тоа кога ги рангираме барањата. Индексот на отвореност ги оценува перформансите на локалната власт во областа на добро владеење со тоа што се фокусира на четири принципи – транспарентност, свесност, пристапност и интегритет и еден заеднички домен присутен во сите четири принципи – отворените податоци, посочува Лазаревски.

Истражувањето посочува дека пандемијата со Ковид-19 уште повеќе ја потенцираше потребата за брзо и ефикасно работење на властите, а со тоа и на локалната самоуправа. Во вакви вонредни услови на драстични ограничувања во слободата на движење на граѓаните се покажа колку е важна довербата и транспарентноста во работењето на единиците на локалната самоуправа.

Истражувањето беше спроведено од 1 јуни до 15 јули 2021 година.