По кратко боледување вчера почина Миле Волканоски – познат родокраен автор и основач на фестивалот „Охридско лето“.

Миле Волканоски е роден во Охрид во 1927 година. Основното и средно образование завршил во родниот град, а Виша педагошка школа во Скопје. По ослободувањето учителствува во охридските села, а како наставник работел уште и во Струмица, Охрид и Скопје. Бил директор на ОУ „Григор Прличев“, а основач е и директор 20 години на фестивалот „Охридско лето“. При крајот на својот работен век работи и како принуден управник на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Литературни прилози објавувал во повеќе весници и списанија: „Културен живот“, „Просветно дело“, „Нова Македонија“ и други. Автор е на повеќе книги и драмски дела: „Ташула – Охридската робинка“, „Григор Прличев“, комедијата „Бунда“, пиесата „Јанко и Климе“. Автор е и на пиесата за деца „Приказна за штурците и мравките“, како и на радио драмите „Детството на охридскиот Хомер“ и „Охридскиот чун“. Активен на литертурното поле е и во пензионерските години кои ги минува во Охрид. Неговите драми се играни во повеќе градови во Македонија и во поранешна Југославија.

Веста за смртта на Миле Волканоски со жалење ја прими фестивалската управа на „Охридско лето“.

– Длабоко жалиме за смртта на еден од основачите на фестивалот Охридско лето. Миле Волканоски беше активен  помагател на фестивалот се до неговата смрт и несебично ги пренесуваше своите драгоцени искуства на помладите генерации и актуелниот менаџерски тим на фестивалот, стои во соопштението на дирекцијата на „Охридско лето“.

Ohridnews