Во својата 88 година, во Охрид, почина Ѓоко Целески – ликовен уметник, педагог и основач на најстарата ликовна колонија кај нас, “Дебрца”, во Белчишта, воедно, и со најбогат фонд од над 700 уметнички дела.
Учествувал на бројни самостојни и групни изложби, како и на ликовни колонии во Македонија (Кнежино), Албанија и Бугарија.
Застапен е во книгата „Сликарството во Охрид во 20 век“ од Јорданка Матова, како претставник на втората генерација ликовни уметници.
Ликовната колонија “Дебрца”, во Белчишта, ја чувствуваше како своја рожба, како свое чедо. Нагласуваше дека ја негува, колку и своите деца и внуци.
Зад Ликовната колонија “Дебрца” стои создателство од платна на великани во ликовната уметност, од постарата, но и помладата генерација.
Професорот Димче Коцо, потоа Вангел Наумовски, Јоне Симонче, Јордан Манасиевски, Љупчо Стефаноски, Мето Георгиевски, Менде Иваноски, Васко Ташковски, Сергеј Андреески, Петар Мазев и многу други.
Од 1983 година, Колонијата има своја Галерија, а од 2005 година, свој, современ објект со сите услови за галерискo ускладиштување и презентирање.
Учество зеле над 200 уметници, од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Грција, Полска, САД, Канада, Герамнија, Малезија, Русија, Узбекистан, Украина, Кипар, Монголија и други земји.
Организирани се 115 изложби во Република Македонија, додека Колонијата соработувала со многу слични од Македонија и другите земји, како и со Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Ѓоко Целески ќе биде погребан утре во родното Белчишта.
OhridNews