Вчеравечер, малата сала на Центарот за култура “Григор Прличев” беше претесна да ја собере публиката која дојде да го прослави деветтиот роденден на Импровокација, заедно со целиот тим на шоуто.

Актерите Стрезо Стаматовски, Филип Кипровски и Никола Тодороски, како главни протагонисти на шоуто, заедно со Никола Јосифоски како музички соработник и Филип Ангеличин – Жура како организатор, приредија пеколно шоу од 120 минути во која публиката непрестајно уживаше и се смееше.

Импровокација веќе девет години опстојува на сцената на Народниот театар од Охрид и претставува форма на театар која е секогаш комична, спонтана и никогаш не се повторува. Рамката на импровизацијата ја даваат актерските задачи, односно игри, кои ги одредуваат правилата на кои актерите се придржуваат додека ја импровизираат сцената.

Во изминатите девет години, шоуто се одиграло преку 80 пати, а бројот на публика надминал 8000 гледачи.

OhridNews