„Импровокација“ утре од 20 часот на сцената при НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид со јубилејна претстaва ќе го прослави својот 9ти роденден.
Театарската импровизација „Импровокација“ е проект на професионалните актери, Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски како главни актерски протагонисти, Никола Јосифоски во улогата на главен музички соработник и Филип Ангеличин Жура како организатор („совеста на шоуто“).
Идејата за оформување на импров група во Охрид тлеела од многу поодамна во главите на Стаматовски и Тодороски, за да на 25.02.2016 година се случи првата претстава на таканаречената „Импровокација“. Претставата се одржала во просторот под сцената на НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид. Место кое што понатака се здобива со името „Керал сцена“. Подоцна кон екипата се приклучува и мултиталентираниот Никола Јосифоски како музичка придружба и „Импровокација“ покрај театарска се надоградува и со епитетот музичка импровизација.
„Импровокација“ е премиерна и никогаш не може да се повтори уште еднаш. Ваквата форма на театар е комична, спонтана и интимна. Рамката на импровизацијата ја даваат актерските задачи (т.н. „игри“) кои што ги одредуваат правилата на кои актерите се придржуваат додека ја импровизираат сцената. Публиката директно е инволвирана во процесот на создавањето на сцените со нивните предлози од место или во одредени случаи се јавуваат и како актери на сцената. Во зависност од енергијата на публиката и предлозите кои што таа ги дава , таков тематски правец добива и самата изведба.
Со преку 85 изведби, „Импровокација“ е проект кој што најдолго се задржува на охридската сцена и до ден денешен се бара билет повеќе. Покрај во Охрид, бројни претстави се изиграни во повеќе градови ширум Македонија и Германија.
Импровокација единствениот театарски спектакл кој во секоја секунда е неизвесен и секоја секунда публиката и сите инволвирани се поврзуваме на повисоко ниво. Единствената претстава за која не треба да се подготвуваш, ама треба да си подготвен. Благодарам на неверојатната екипа Стрезо, Филип, Никола, Жура!, вели Никола Тодороски.
Импровокација е фината линија помеѓу утопија и дистопија, игра на сé или ништо, секој пат е како прв пат да возиш велосипед без помошни!, вели Филип Кипровски.
Играњето на „Импровокација“ е како скок од авион без падобран. Паѓајќи осознаваш дека единствениот спас за безбедно приземјување е сам да изработиш падобран. Падобранското платно е во форма на креативна идеја која ја позајмуваш од публиката, конецот пак е врската која што те поврзува со колегите на сцена, а од тебе зависи колку си вешт шивач, вели Стрезо Стаматовски.
Горд сум што успеавме први во регионов да понудиме нов тип на забавно шоу, кое на комичен начин и притоа комбинирајќи ги актерските вештини на актерите, многу брзо најде место во срцата на публиката. А поддршката од публиката е токму тоа што го одржува ова шоу живо веќе девет години. За сето ова време аплауз дале повеќе од 9000 посетители на преку 85 изведби. Им благодарам, вели Филип Ангеличин Жура.
Импровокација, екипа која создава нешто уникатно и моќно, нешто што допира, засмејува но во исто време тера на размислување. Горд сум и почестен што седум од вкупно девет години давам скромна музичка поддршка на моќниот вокал на Стрезо, одличното вибрато на Тодороски, лудите генгста рими на Кипро и спектакуларните скречови на МС Жура, вели Никола Јосифоски.
Резервации за утрешната роденденска изведба може да направите на телефонскиот број 075 283 066.
OhridNews