Откако се отвори можност за настап во Супер лигата, РК Охрид 2011 за кус период ги консолидира своите редови, се засили со петмина ракометари и реализира мини подготовки. На стартот на сезоната Охрид на домашен терен се сретна со долгогодишниот суперлигаш Преспа од Ресен, која по 60 минути борба мораше да го положи оружјето пред ракометарите на Охрид. Бодрени од 2000 публика тие забележаа победа од 31:24.
-Имавме многy кратко време за подготовки но дечките одиграа и се бореа добро. Се гледа дека прво полувреме 20 минути и исто толку во вториот дел играме феноменално, а потоа паѓаме, што се должи на недоволната физичка подготвеност, но сето тоа ќе го подобриме во наредните две недели. Од засилувањата, ракометарите кои дојдоа од Струга се добро подготвени, додека Борче Соколов кој дојде од Струмица не е најдобро подготвен, но и тој за две до три недели ќе ја подобри формата.-истакна тренерот на РК Охрид Горан Андоноски.
Во следното коло Охрид му гостува на Пелистер, по што дома ја пречекува екипата на Овче Поле. Андоноски вели дека Охрид на секој натпревар и со секој противник ќе дава максимум, а примарна цел сезонава ќе биде да се задржи суперлигашкиот статус.
-Што се однесува до дострелот на екипата не треба многу да се занесуваме. Цел ќе ни биде да опстанеме оваа година и да бидеме достоен ривал на секој противник. -додаде Андоноски.
Задоволство од победата на премиерата во Супер лигата има и кај играчите. Голманот Кирил Пецаков смета дека добрата игра во одбраната била клучна за успехот.
-Задоволен сум од дебито. Одигравме феноменална одбрана, нешто што не краси изминативе години. Годинава за разлика од претходните две сезони засилени сме со пет играчи што ни дава дополнителен квалитет во нападот.-рече Пецаков.
Тој на натпреварот со Преспа заработи повреда на левата нога, а дополнителните лекарски прегледи треба да утврдат колку е таа сериозна. Пецаков е оптимист дека РК Охрид оваа сезона ќе избори добар пласман и ќе ја исполни зацртаната цел.
Столбот на одбраната на РК Охрид Атанас Поп Стефанија, смета дека стартната победа значи многу за подигнување на атмосферата во екипата.
-Одигравме одлична одбрана и добро во напад, иако имаме уште многу простор за напредок.-рече Поп Стефанија.
И тој смета дека реална цел оваа сезона на клубот е да избори опстанок во Супер лига, најавувајќи дека РК Охрид ќе биде незгоден противник за сите ривали, особено на домашен терен каде ја има најбројната публика во лигата.
Г.М.