На 64. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2023) – најпрестижниот математички натпревар за ученици од средните училишта, која годинава се одржува од 2.07-13.07.2023 година во Чиба, Јапонија – македонската репрезентација постигна одличен успех.

На овој светски мегдан за извонредност нашата екипа се закити со еден златен, еден сребрен, два бронзени медали и две пофалници, информира Сојузот на математичари.

Дамјан Давков освои златен медал со освоени 32 поени, Алексеј Тасиќ – сребрен медал со освоени 25 поени, Никола Цветаноски – бронзен медал со освоени 23 поени, Никола Спировски – бронзен медал со освоени 19 поени, Јан Стојановски – пофалница со освоени 17 поени, Бранко Јангеловски – пофалница со освоени 11 поени.

Екипата ја предводеа охриѓанецот Илија Јовчески (водач) и Мирко Петрушевски (заменик водач).

Успехот на овие наши деца е успех за целата татковина! – истакнуваат од Сојузот на математичари.

OhridNews