Прикажувањето на филмот се оствари во организација на Фондацијата со Македонија и потпомогнато од Австралиско македонскиот театар од Сиднеј и Австралискиот комитет за човечки права од Мелбурн во координација на промоторот Зоран Лозевски. Во Сиднеј премиерата беше најпосетена и се одржа на 26-ти фебруари во маѓесниот Државен театар. Следеја со по две проекции градовите Аделајд на 3-ти март во киносалата Палас и во Мелбурн на 4-ти март во театарот Форум 2.
По овој повод во Австралија допатуваа режисерот Сигурјон Ејнарсон и продуцентот Џејсон Мико кои после секоја проекција водеа дебата со помош на Петра Златевска за тоа со каква цел го работеа овој проект и за нивната желба да се каже мислењето на Македонците за своето име. После секоја проекција им се оддаваше посебна чест на овие двајца уметници кои покрај разновидните притисоци сакаат да го информираат светот за дискриминаторска Европа која во 21-виот век ја држи како заложник Македонија само поради своето име.
Режисерот Ејнарсон успешно со камерата и ненаметливо со непосредни контакти со повеќе луѓе од Република Македонија ја прикажа гордоста на Македонецот кон своето исконско име кое го бранела и ќе го бранат со достоинствено. Македонската нација постојано се соочува со притисоци, напаѓања, малтретирање и закани поради тоа што сме, што сме биле и што сакаме да бидеме – МАКЕДОНЦИ. Ја прикажа и љубовта што Македонецот ја има за својата земја, за тој неуништувачки дух кој му оддолева на угнетувачите и уценувачите кои не избираат начини и методи да ја уништуваат генезата на македонската нација. Филмот со себе донесе обединување во македонската заедница, надеж и мотивација дека ние Македонците каде и да се наоѓаме треба да се бориме и да им докажуваме на другите дека име не даваме и име не менуваме, да се бориме да го искинеме тој заложничи обрач кој ја задушува македонската нација.
Покрај Ејнарсон и Мико во Фондацијата за Македонија членуваат повеќе познати уметници и културни дејци кои имаат љубов и почит кон Македонија. Тие, потполно разбирајќи ја болката низ која ние Македонците поминуваме, сакаа да контрибутираат кон расветлување на вистината и да поведат еден процес на информирање и просвесување на светот. Тие на сите средби со македонската заедница поттикнуваа, Македонците каде и да се наоѓаат преку демократските институции и индивидуалните контакти со политичарите, да се вклучат во расветлувањето на вистината за подобар просперитет на нашата држава.
По големиот интерес на македонската заедница, организаторите најавуваат нови проекции на овој филм за март и април во градовите Волонгонг, Њукастел, Бризбан, Канбера и Перт.