Станува збор за филм што жанровски се определува за нешто меѓу документарен и игран филм и е со времетраење од педесет минути. Според веб-сајтот NightMacedonia.org, филмот „Име си е име“ во основата е патопис, кој следи еден бестрашен скандинавски патник што крстосува низ Македонија на својот мотоцикл. Во филмот, патникот, кој никогаш не зборува пред камерата, ги слуша Македонците што ги сретнува, луѓе од различни региони, како ги кажуваат своите судбини. На сајтот пишува дека луѓето зборувајќи со неочекуваниот посетител му ги доверуваат своите надежи, желби и верувања за сопствениот идентитет, верба и националност. „И во историски момент, кога светската политика се фокусира на правото на овие луѓе на своето уставно име – Република Македонија – овие потресни сведоштва додаваат дополнителна тага и актуелност“, пишува на сајтот. Мортен ја посетил Македонија во октомври, 2007 година, кога се сретнал со македонскиот премиер, Никола Груевски. Тој, исто така, бил дел и од Светската конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите во Охрид.
Според истиот веб-сајт, премиерата на филмот ќе се одржи овој месец, но неговото дивиди-издание ќе биде промовирано наесен. Покрај песната на Мортен, во музиката на филмот ќе бидат вклучени и песни од групата „А-ха“ и од Грахам Неш, Тоше Проески, Кирил Џајковски други. Продуцент на филмот е Џејсон Мико, политички аналитичар, советник на поранешниот претседател Борис Трајковски и соработник на „Време“. Локалната продукција е на компанијата „Еф икс три икс“ од Скопје.