Одбраната на обвинетите за случајот со убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ во Охрид, смета дека дел од нив неосновано се држени во притвор, што според неа се докажа со одлуката на Обвинителството да се откаже од натамошен кривичен прогон на четворица од седумтемина притворени. Според адвокатот Воислав Димоски, дел од клиентите се задржани во притвор без причина, односно без докази.

 
– Ова е уште еден пример како лесно во РМ се изрекува притвор како најдрастична мерка за обезбедување присуство на обвинетиот, иако упорно одбраната стоеше на ставот дека дел од притворените имаат алиби.

За натамошниот тек од процесот Димоски најави дека ќе се почека да се произнесе Обвинителството односно да биде објавен обвинителниот акт.

Првичната истрага со која беа опфатени поголем број лица осомничени за инцидентот, сега се стеснува на само тројца од уапсените и еден кој е недостапен за органите на прогонот. Според Димоски, тоа се должи на фактот што Обвинителството не успеало да собере доволно докази за делото за кое се товарат учесниците во немилиот настан, согласно поднесената кривична пријава.

Како што објави OhridNewss,  Обвинителството се откажа од понатамошно кривично гонење на Јане Шокароски, Петар Шенгулоски, Борче Чулукоски и Јован Ѓорески, сите од охридско, бидејќи нема докази дека тие биле инволвирани во инцидентот кој заврши со трагични последици.

Четворицата синоќа го напуштиле истражниот затвор во Скопје, каде беа во притвор 76 дена. Во притвор остануваат уште тројца охриѓани, а едно лице, српски државјанин, за кое постои основано сомнение дека било вмешано во инцидентот, се уште  е недостапно за органите на прогонот и по него е распишана меѓународна потерница.