Стотици милиони девојчиња и момчиња во целиот свет секојдневно се изложени на ризична и опасна работа што ги лишува од соодветно образование, здравство, одмор и основни слободи. Повеќето од нив се изложени на најлошите форми на детски труд, како што се работа во опасни средини, ропство, или други форми на принудна работа, незаконски активности како што се трговијата со дрога и проституција, како и учество во вооружени конфликти, се наведува во извештајот на Првата детската амбасада во светот „Меѓаши “ по повод 12-ти јуни, Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд.

Меѓународната организација на трудот (МОТ) во 2002 година го одбележа првиот Светски ден против злоупотреба на детскиот труд, како начин да се нагласи состојбата на овие деца. Светскиот ден за борба против детскиот труд има за цел да промовира свест и делување за справување со детскиот труд. Поддршката за овој ден расте секоја година. Според Глобалниот извештај на МОТ за детскиот труд во 2010. се проценува дека има 215 милиони деца работници во светот,  а  115 милиони деца се вклучени во работи опасни по детското здравје, безбедноста или моралот.  Вниманието на меѓународната заедница денес и невладините организации како што е на пример Глобалниот марш против детскиот труд се насочени кон отстранување на најтешките форми на детски труд до 2016 година, но загриженоста дека тоа ќе се постигне е се поголема поради фактот дека на овој проблем не му се посветува доволно внимание ниту ресурси за постигнување одржливи  социјални промени. За да се постигне елиминирање на најлошите форми на детскиот труд потребни се големи напори и посветеност во делот на редуцирање на сиромаштијата, подобра социјална заштита и вклучување на сите деца во образованието.

Со одбележување на 12 јуни Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд, Првата детската амбасада во светот Меѓаши потсетува дека  Република Македонија иако ја ратификуваше конвенцијата бр.182,   сеуште состојбата  со детскиот труд е алармантна. Над 18 000 деца во Република Македонија не одат на училиште и над 2000 деца секојдневно денот го поминуваат на улица во субстандарни услови, живеејќи под ведро небо без родителска грижа. Најчесто овие деца се жртви на најтешките форми на злоупотреба на детскиот труд. Ги има од сите возрасти и националности, но најмногубројни се Роми. Правото на сите деца да учат е природно право на секое човечко суштество. Ова важи особено за децата од улица, бидејќи ако државата обезбеди задолжително бесплатно и пред се квалитетно образование за секое дете може да се затвори кругот на неписменост, сиромаштија,  детска експолатација и злоупотреба, велат од „Меѓаши“.

Владата на Република на Македонија прави напори да ја намали злоупотребата на детскиот труд со отварање на дневни центри, каде што дел од децата кои од најразлични причини не се вклучени во редовниот образовен процес секојдневно доаѓаат. Во дневните центри им се дава оброк, облека, обавуват основни хигиенски потреби и се здобиваат со основни воспитно-образовни содржини. Но, ставот на Правата детска амбасада во светот Меѓаши е дека дневните центри не се трајно решение, за обезбедување на основните права на децата на право на дом, образование и заштита од злоупотреба на детски труд. Најчесто овие деца по престојот во дневниот центар повторно завршуваат на улица и ги обавуваат нивните неформални секојдневни обврски (собирање старо железо, пластика, препородавање ситни дребулии и питачње). Причина за ова не е нивната желба или несакањето да уживаат во детската игра и безгрижност, најчесто овие деца се чувствувааат должни да обезбедат егзистенција за своето семејство. Не помалку различна е и состојбата со деца кои се жртви на детски труд во руралните средини, во земјоделието, сточарството или во домаќинствата (особено девојчињата), посочуваат од Првата детска амбасада, според која потребна е широка општествена акција и пред се превентивно делување во борбата против злоупотреба на детскиот труд.

OhridNews