Во Крушево денеска беа погребани посмртните останки на македонската музичка ѕвезда Тоше Проески, кој трагично го загуби животот вчера утро во сообраќајна несреќа во Хрватска.

Ковчегот со телото на Тоше претходно беше изложен на плоштадот кај Македониумот каде илјадници негови обожаватели, почитувачи, колеги, политичари и други јавни личности дојдоа за последен пат да му се поклонат на балканскиот крал на поп музиката.

Со верската церемонија чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, кој во своето обраќање рече дека „ваква тага Крушево и Македонија не ги обвила од 1903 од Илинденското востание“ Сите сме во плач за него, а има и за што да тагуваме,  г.г. Стефан. „Го изгубивме најдоброто, најталентираното момче преку чиј глас најмногу се слушна за Македонија барем во последниве години, а неговата песна  не беше присутна само во македонските, туку и во срцата на сите негови почитувачи во балканските, но и подалечните земји“, рече архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Од Тоше за последен пат се простија неговите најблиски, колегите од естрадата од земјава и странство, државниот врв политичари, спортисти, претствници на дипломатскиот кор, обични граѓани.

Човек како Тоше се раѓа еднаш на 100 години и затоа сме огорчени на судбината затоа што ни го зеде, рече Сузана Танева од Црвениот крст чиј активист беше и Тоше.

Македонија го загуби најдоброто и мислам дека умре најголемата ѕвезда што некогаш ќе се роди во Македонија рече Весна Петрушеска, која се продсти од Тоше во име на колегите од естрадата.

Тоше Проески замина премлад во легендите оставајќи зад себе пример кој треба да се следи и почитува, рече премиерот Груесвки кој се прости од Тоше во име на државата. Тој ни ја остави неговата песна за да не бодри кога ќе застанеме од болка за да не води и потсетува како е да се биде човек и колку вреди неговото дело, рече Груевски.

ophridnews
фото: МИА