Со учество на повеќе од 100 едриличари од Бугарија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Турција, Швајцарија, Италија и од Македонија денеска во водите на Охридското Езеро почна 39-та Меѓународна едриличарска илинденска регата.

Во тридневната регата едриличарите ќе се натпреваруваат во девет класи почнувајќи од класата оптимист за најмладите па се до високата минитонец класа, а дневно ќе се возат по четири трки. На најуспешната екипа покровителот на манифестацијата  евроамбасадорот Ерван Фуере ќе и` врачи златна маска на Охрид.


Покрај Фуере, покровител на оваа спортска манифестација е и Агенцијата за млади и спорт на Македонија, а спонзор директорот на компанијата Амак – СП Венко Шапкар. Тој рече дека радува што е оваа манифестација секоја година е се помасовна, а директорот на Агенцијата за млади и спорт Иван Георгиевски потврди дека Македонија и понатаму ќе го финансира овој значаен спортски настан.

Охридскиот градоначалник Александар Петревски смета дека со регатата се потврдува приматот на Охрид како центар на спортовите на вода и токму ова лето кога се бележи најуспешната туристичка сезона во изминатите неколку години.

Претседателот на Едриличарската федерација на Македонија Љупчо Поп Стефанија рече дека со оваа масовна регата достојно се одбележуваат и 60-годишнината од работата на Федерацијата и македонскиот национален празник Илинден.

Временските услови за успешна регата се речиси идеални. Времето е сончево, дува за едриличарите погоден ветар, а Езерото е разбранувано, како што велат тие токму колку што им одговара на белите едра.

МИА
фото: ohridnews