Бродот Илинден кој на 5-ти септември потона во Охридското Езеро кај Елешец, останува во вода најрано до утре, за кога според најавите конечно ќе отпочне операцијата за негово извлекување.

Истражниот судија Весна Кичеец, на медиумите им изјави дека извлекувањето на потонатиот брод ќе започне во 8 часот во сабота, а се очекува целата операција да заврши за неколку часа.
 
Екипа на специјализираната хрватска компанија „Дубина“ која ќе го изврши извлекувањето на „Илинден“ денеска ја постави потребната опрема. Извлекувањето ќе се изврши со воздушни балони кои се прикачени со ремени на потонатиот брод, за да се избегне евентуално негово оштетување. По извлекувањето бродот ќе биде однесен кај каналот Студенчишта каде најверојатно ќе се вештачи.