„Илинден“ сега лежи на езерското дно на длабочина од околу 6 метри. Извлекувањето според најавите ќе се врши со помош на воздушни балони за да се избегне евентуално оштетување на бродот.
Во меѓувреме Комисијата врз основа на расположливите информации и подводни снимки ја продолжува истрагата за бродската несреќа, која како што неофицијално дознаваме била фокусирана на перформансите на бродот на кој била доградена уште една палуба. Овој елемент според експертите во голема мера ја нарушил стабилноста на бродот „Илинден“. Како „Илинден“ добил дозвола за пловидба доколку имал нарушена стабилност, комисијата одговор ќе бара од охридската капетанија и германската компанија „Лојд“ која е овластена за технички преглед на пловните објекти на Охридското Езеро.