Успешниот настап во Европа, Еурофарм Работник го преслика на македонската ракометна сцена совладувајќи го Охрид со 29-23 во дербито од 11-та рунда во Супер лигата. „Фармацевтите“ иако имаа негатива 10-6 после 20-тина минут игра на одмор заминаа со плус (14-12) после серијата од 6-0.

– Токму тој пресврт беше клучот на оваа победа која ја извојувавме во Охрид. Пред почетокот на натпреварот имав некои стравови, но моите ракометари тотално ме разубедија прво со пристапот, а потоа и со одговорот на онаа серија од домашниот состав. Овој триумф ќе ни биде мотив за понатаму, а и многу ќе ни значи, бидејќи победивме директен конкурент за високите места на табелата. – изјави тренерот на Еурофарм Работник, Илија Темелкоски.

„Гладијаторите“ имаа само неколку светли минути во првиот дел од дербито, додека второто полувреме го одиграа без здив.

– Нападот до овој натпревар беше тој што ги криеше нашите недостатоци во одбраната. Но, на дуелот со Еурофарм Работник потфрли и нападот, а одбраната не се подобри. Во таков развој на настаните поразот е неизбежен. – изјави кратко Благојче Трајкоски.

Со триумфот во Охрид амбицизниот битолски суперлигаш заокружува еден победнички циклус од десет денови. – Добрата игра на домаќините и негативата не` ни ги помеша плановите и мотивите. Нашата самодоверба беше голема пред почетокот на мечот и затоа воопшто не се осети дека губиме четири голови.

Охриѓани во следната рунда ќе одмараат и ќе имаат време добро да анализираат, додека „фармацевтите“ ќе се сретнат со тимот на Радовиш.

„Гладијаторите“ без здив во дербито, „фармацевтите“ победија во Охрид

OhridNews