Само гледач повеќе во салата „Билјанини извори“ беше Владо Илиевски, кој поради приватни причини реши да ѝ стави крај на репрезентативната кариера. Тој допатува во Охрид, разговараше со стручниот штаб и ја потврди одлуката за повлекување од националниот состав.

– Одлуката е конечна, задоволен сум од сѐ што постигнав, но дојде моментот да кажам збогум – вели Илиевски.

Жали за неуспехот на квалификациите за ЛОИ, но и за слабото издание на Еврособирот во Словенија лани.

– Настапот на ЛОИ ќе беше врв на таа генерација. Но она за што навистина жалам е ЕП во Словенија. И тогаш, а и сега сметам дека бевме зрели не само да го повториме успехот туку и да се бориме за медал. Звучи неверојатно, но поразот од Црна Гора и скандалозната судиска одлука нѐ размрда и се растуривме како кула од карти – вели Илиевски.

Македонската репрезентација е исправена пред нов предизвик. Пред избраниците на Џикиќ се квалификации за ЕП 2015, а по серијата откажувања Илиевски не ја става Македонија во редот на фаворитите.

– Белгија е прв фаворит, но без разлика на тоа, јас сум оптимист и сметам дека Македонија може да стигне до втората позиција, која носи пласман на Евробаскетот 2015 – коментира Илиевски.

Илиевски ја заврши репрезентативната, но нема намера да ѝ стави крај на клупската кариера. По сезоната мината во Чешка, во Нимбурк, тој сега бара нова средина. Вели дека нема никакви преговори со македонскиот првак МЗТ Скопје.

– Не останувам во Чешка. Иако сум задоволен од тоа што го постигнавме, моите идни планови не се поврзани со Нимбурк. Би сакал да играм некаде каде што ќе бидам поблиску до моето семејство – заврши Илиевски.

ohridnews