Доколку не се воспостави заеднички систем на управување не може да има ефективна заштита на Охридското Езеро велат експертите на УНЕСКО. Тие заедно со претставници на интитуции од Македонија и Албанија учествуваат на состанокот што се одржува во Охрид, на кој се разговара за воспоставување соработка и изградба на прекугранична платформа за заедничко управување со наследството во регионот околу Охридското Езеро. 

-Или ќе го заштитиме прекугранично Охридското Езеро или никако нема да го заштитиме. Тоа е дефиниција која укажува на потребата од прекугранична соработка и во тој правец мора да продолжат активностите затоа што светското наследство на охридскиот регион мора да биде заштитено и промовирано во туристичката понуда и вредности на овој регион.– изјави Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Синиша Шешун од УНЕСКО укажува на важноста од заедничка соработка на државите во заштита на културното и природното богатство.  

– Многу е важно државите взаемно да се помагаат во заштитата, бидејќи не можеме да штитиме само еден дел од езерото, а другиот да остане без контрола и затоа ЕУ заедно со „ICOMOS“ и „IUCN“ обезбеди средства за имплеменнтација на овој проект за воспоставување интегрална заштита за да го зачуваме овој природен езерски бисер на вистински начин. – рече Шешун.

Македонските институции веќе подолг период работат со албанските колеги на размена на искуства, што треба да и помогне на Албанија во напорите да го впише нејзиниот дел од езерото и културните вредности во листата на светско наследство.

-На албанските колеги им ги пренесуваме искуствата за проблемите со кои се соочува нашата држава дека попрактично би било добро да размислат за која територија ќе аплицираат до центарот за светско наследство, затоа што ние имаме едно тешко искуство. Како што и сами знаете охридскиот регион како светско наследство е доста голем и опфаќа три општини и национален парк, територија која е навистина многу тешка за управување особено што охридскиот регион е микс, односно светско културно и природно наследство. Тешко е да се упраува со толкава територија и се да биде во склад со конвенцијата на УНЕСКО. – изјави Лидија Топузоска генерален секретар на националната комисија на УНЕСКО.

Најголем проблем во заштитата на културното и природното наследство, слично како во Македонија и во Албанија претставува претераната урбанизација.

-Се соочуваме со проблем на неконтролирана градба во заштитените зони и околу историските знаменитости. Оваа година во јуни владата на Република Албанија културното наследство во центарот на Поградец го прогласи за национално богатство од прва категорија каде не е дозволена градба, а се зголемуваат и капацитетите на националните институции. – истакна Сунина Кора од Министерство за култура на Албанија.

Албанија интензивно работи на подготовка на номинацијата која треба да биде доставена до УНЕСКО, по што следи период на евалуација. Доколку бидат исполнети строгите критериуми за година и половина од сега културното и природното богатство околу албанскиот дел на Охридското Езеро ќе биде впишан во регистарот на УНЕСКО.

Горан Момироски