Како гром од ведро небо за македонската селекција и јавност дојде повредата на коленото на Илија Несторовски, која ќе го оддалечи од настап на Европското првенство, кое летово е на програмата. Несторовски итно беше опериран во Рим, а рехабилитацијата трае од шест до осум месеци. Македонскиот репрезентативец се огласи на социјалните мрежи, заблагодарувајќи се за поддршката во тешките мигови.

Жал ми е, но сум подготвен да станам и да се борам. За жал, оваа повреда нема да ми дозволи да играм на Европското првенство со Македонија, на што бев многу желен. Но, ќе дадам се од себе и ќе го победам овој предизвик и ќе се вратам посилен од порано. Сакам да им се заблагодарам на моето фантастично семејство, на соиграчите, пријателите и навивачите, кои ми напишаа и ме натераа да се чувствувам сакан повеќе од кога било во ова тешко време. Благодарност и до професорот Маријани и неговиот тим. Патот е тежок, но јас сум подготвен,- напиша Несторовски.

Фудбалерот на Удинезе се повреди на еден од тренинзите, а настрадаа вкрстените лигаменти на коленото, што претставува една од најтешките повреди кај спортистите.

OhridNews