Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓоргиоски беше прв гостин во новата спортска емисија „Куќа на фудбалот“ која се емитуваше премиерно на Канал 5.


Ѓоргиоски најпрво говореше за ситуацијата во А репрезентацијата која моментално е најслабо рангирана на ФИФА рејтинг листата. – Свесен сум за состојбата во која се наоѓа македонскиот фудбал. Причината за состојбата во која денеска се наоѓа А репрезентацијата е смената на генерации. Една од главните причини е непосветеноста на младинскиот фудбал во минатото и неможноста за создавање квалитетни фудбалери кои ќе ни донесат резултат. Но, не бегаме од одговорноста. Се обидуваме да направиме чекори за да ја подобриме состојбата во А националниот тим. Јавноста секогаш не гледа низ призма на А репрезентацијата. Мораме да бидеме задоволни од резлутатите на останатите селекции, пред се од репрезентацијата до 21 година и селекциите до 19 и 17 години.

Првиот човек на ФФМ очекува далеку подобри резултати во квалификациите за Мундијалот во Русија, каде Македонија се наоѓа во група со Италија, Шпанија, Израел, Албанија и Лихтештајн.

– Очекувам дека ќе имаме многу попозитивни резултати во следните квалификации, без разлика на силните противници во групата. Шпанија и Италија се апсолутни фаворити, би бил задоволен доколку се пласираме пред Израел и Албанија. Ние сме сервис на А репрезентацијата, како федерација создаваме услови за нормално функционирање на репрезентацијата. Се обидуваме да им ги овозможиме најдобрите услови, секако не ги забораваме и останатите селекции. – потенцираше Ѓоргиоски.


Претседателот во емисијата отфрли било каква вмешаност во изборот на селекторите околу репрезентативците и тактиката. – Ме поврзуваа и со Чеде Јаневски и со Бошко Ѓуровски, сега и со Игор Ангеловски. Нормално е да разговараме на фудбалски теми. За што друго ако нѐ за репрезнтацијата? Се знае кој ја носи одговорноста за резултатите, селекторот е тој чиј збор е последен. Споделуваме мислења, но на крајот селекторот е тој кој го има главниот збор околу тимот.

Ѓоргиоски отворено зборуваше за иницијативата „Обединети за фудбалот“ на чело со Дарко Панчев.

– Дарко Панчев и сите останати фудбалски легенди не задолжиле со игрите во минатото. Вратата на Фудбалската федерација на Македонија секогаш е отворена за нив. Имаат отворена покана, подготвени сме да разговараме доколку на вистински начин сакаат да придонесат да ги подобрите состојбите во македонскиот фудбал. – додаде Ѓоргиоски.


На собранието од ФФМ кое ќе се одржи на 5 март треба да се изгласаат промените во Првата и Втората македонска фудбалска лига.

– По комплетна анализи на терен во последните две години произлезе потребата за промена на системот за натпреварување во МФЛ, почнувајќи од Првата лига која ќе биде со четирикружен систем и поделба на Втората лига на источен и западен регион. – заврши Ѓоргиоски.

OhridNews