Популарната друштвена игра „Монопол“ добива пет нови правила кои ќе бидат сврстени во упатството од септември, соопштила компанијата Хасбро. Правилата ги избрале самите љубители на играта со гласање на Фејсбук страната на „Монопол“. Во новата верзија, играчот кој ќе заврши на полето „затвор“ нема да може да им наплатува кирија на останатите играчи. Доколку пак се најде на полето „бесплатен паркинг“, ги добива назад парите од данокот, а доколку се најде на стартното поле ги удвојува приходите.

Кога во фрлањето на коцките играчот ќе добие две единици, добива премија, а доколку сака да купи недвижнина, мора најпрво да помине еден полн круг на таблата. Претставниците на Хасбро наведуваат дека со воведувањето на новите правила сакале да им излезат во пресрет на сите љубители на најпопуларната игра на светот. Играта „Монопол“ во која играчите се тркаат за пари и недвижности, во 2015 година ќе прослави 80 години. Се проценува дека оваа игра ја играле повеќе од 750 милиони луѓе ширум светот.