Фудбалскиот клуб Охрид, утре (сабота) во 13 часот, на домашен терен против Кадино ќе го одигра последниот натпревар во есенската полусезона во Втората македонска фудбалска лига-запад. Дербито на дното ќе биде со хуминатарен карактер, бидејќи охридскиот клуб собраните средства ќе го донира за лекувањето на Трајан Целески-Тачо.

  • Натпреварот со Кадино е од огромно значење за екипата и така ние се подготвуваме оваа недела. Иднината на клубот зависи од овој меч кој едноставно мора да го добиеме. Фудбалерите добро го пребродија несреќниот пораз од Пелистер и максимално фокусирано работеа на тренинзите. На терен ќе истрчаат најдобри фудбалери и убеден сум дека ќе дадат максимум и ќе победат. – изјави тренерот на Охрид, Гоце Толески.

Домашниот терен е адут на охриѓани, а фудбалерот за врска Дејан Велевски посакува триумф и избегнување од дното на табелата.

  • Нашата форма на домашен терен е задоволителна и се надевам дека ќе ја крунисаме со победа против Кадино. Сите даваме максимум, но очигледно тоа е малку затоа мора да одиграме уште појако и да ги освоиме трите бодови кои ќе не одлепат од последната позиција. – рече Велевски.

Капитенот на екипата Александар Бакулески ветува борба до последен здив за победата и трите бодови со кои ќе се упати силна порака до Тачо.

  • Ќе играме за Охрид и за нашиот другар и голем поддржувач Трајан Целески-Тачо. Затоа дополнителна мотивација нема да ни биде потребна. Победата во мечот со Кадино многу ќе ни значи и барем малку ќе ги залечи раните за слабата полусезона во Втората лига. – истакна Бакулески.

На влезот од стадионот ќе се постават кутии во кои ќе може дополнително да се донираат средства за лекување на Тачо. Тој еднаш успешно се избори со туморот на мозокот, но болеста повторно му се врати и потребни му се средства за лекување.

OhridNews