Продолжуваат бројните хуманитарни активности на охриѓани за помош на 15-годишната Сара Настеска.

Викендов на градскиот плоштад членовите на групата Сарај и нивни пријатели свиреа и пееја за Сара, а собраните пари во понеделник ќе бидат уплатени на сметката на родителите на нашата сограѓанка на која и се потребни пари за лекување во Германија.

Вчеравечер во Кадмо Бар, во организација на навивачката група Рибари се одржа уште една хуманитарна забава на која настапи охридскиот бенд Броз. Донирааните средства од  присутните гости ќе бидат предадени на семејството на Сара.

За денеска се предвидени два големи настани под мотото „Играме и пееме за Сара“.

Во 11 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа детски хепенинг на кој настапија „Весели бисерчиња“, изведувачи од „Распеано рибарче“, музичките таленти на ОМУ „Методи Патче“, а куклениот театар при образовниот центар „Atlas World“ ја изведе претставата „Си беше еднаш“.

Од 19 часот, во Спортската сала „Билјанини Извори“, ќе се одржи голем хуманитарен хепенинг на кој ќе настапат музичари и повеќе уметници од Охрид и Струга:„Камелеон“, ФА „Бисери“, Петар Нечоски, Жармена и Китроз, Петар Маркоски, Горан Папаз, Каролина и Оли, „Јован и Јован“, „Дуо Black moon“, Дамјан Пејчиноски, Ивана Коскоска, ученици од Средното државно музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец од Струга и други. Влезот е 100 денари.

Картите за настанот се продаваат на мобилни пунктови поставени од Црвен крст Охрид, како и на на билетарницата на СРЦ „Билјанини Извори“ непосредно пред почетокот на настанот.

Во рамки на хуманитарниот хепенинг Здружението ЖЦ „Бисера“ Охрид ќе организираат базар со храна- вкусни домашни специјалитети, кои ќе се продаваат по симболична цена.

Сите собрани средства ќе бидат веднаш донирани на семејството Настески.

Настанот заеднички го организираат новинарите и медиумите од Охрид и ФА „Бисери“

На 15-годишната Сара Настеска, итно и е потребна операција за пресадување коскена срж, која чини 200.000 евра.

OhridNews