Ракометниот клуб Охрид со големи играчки промени ги започна подготовките за пролетната полусезона во македонската Супер лига. „Гладијаторите“ официјално подготовките ги започнаа вчера со состанокот помеѓу управата и ракометари, а од денеска почнаа со тренинзии.

Старо-нови имиња во охридскиот состав се голманот Кирил Колев и десниот бек Константин Вешоски, пивотменот Пеце Георгиевски и левиот бек Јане Јанчев кои доаѓаат од Прилеп. Дел од клубот не се повеќе голманот Александар Стојаноски, пикерот Томислав Кљајиќ, Лазар Адамовиќ и Дервиш Бирдахиќ кој веднаш после завршување на есенската полусезона си замина од Охрид.

Во моменталната екипа на Охрид има еден странец Марко Кобетиќ кој се појави на првата прозивка. Тој се уште заздравува од повредата која доби на контролниот меч со Пелистер пред стартот на сезоната минатата година, но се очекува да биде подготвен за продолжението од Супер лигата и плејофот подоцна.

Подготовките на „гладијаторите“ ќе се одвиваат во Охрид, а во текот ќе се одиграат неколку контролни мечеви. Охридските ракометари првата полусезона ја завршија на 4-та позиција со 11 бодови предност од петтопласираниот Радовиш и со речиси обезбеден пласман во плејофот.

OhridNews