По покана од Асоцијацијата на спортови Спорт за сите – Сите за спорт и пливачкиот клуб Охридски Бранови во кратка посета на Охрид беше истакнатиот пливачки тренер на репрезентацијата на Словенија и спортски директор на Крањско пливачко друштво, Игор Величковиќ, неговата сопруга Гордана Величковиќ ( ФИНА судија на отворени води и базени ) како и Милица Окичич од Србија ( ФИНА судија на отворени води и базени).
За време на посетата Асоцијацијата на спортови и пливачкиот клуб Охридски Бранови и истакнатите гости од светот на пливањето разговараа за повеќе проекти поврзани со пливањето со посебен акцент на развојот на рекреативно – професионалното пливање на отворено. Гостите од Словенија и Србија ги пренесоа нивните искуства и понудија безрезервна поддршка во насока на афирмацијата на пливањето и професионализмот во пливањето во Охрид.
– Уште од првите контакти кои ги имавме со Асоцијацијата на спортови пред неколку месеци кај нас постоеше голема желба да дојдиме во Охрид и да се запознаеме со нашите колеги (спортски работници) и нивната визија за развој на пливањето и генерално на спортот. Олимписките игри се главен виновник што требаше неколку месеци за да дојдиме во Охрид но еве неколку денови после завршувањето ние сме тука и ни претставува особено задоволство што сме во Охрид после многу,многу години. Јас, мојата сопруга, нашите пријатели од пливањето секогаш ќе стоиме на располагање кога е во прашање пливањето и неговиот развој, но сепак Охрид, властите во Охрид, спортските работници се тие кои треба да одлучат што сакаат. Имате природни услови како ретко каде во светот за развој на пливањето, верувајте јас сум бил во многу држави, градови насекаде во светот и Охрид го има тоа што многу го немаат и тоа треба да се искористи. Секако визијата и работата се основа за секој успех кој недоаѓа сам по себе така што ние сме тука да помогнеме со нашето искуство а вие ќе треба да ја завршите домашната работа. – изјави Игор Величковиќ.
Претседател на Асоцијација на спортови Спорт за Сите – Сите за Спорт, Иван Цветкоски не го криеше своето задоволство од посетата на Величковиќ во Охрид.
– Од самото формирање на Асцоцијацијата, во соработка со спортските клубови од Охрид во овој случај пливачки клуб Охридски Бранови, ние зацртавме една нова визија за спортски Охрид така што посетата на истакнатите гости од пливањето е дел од таа визија и особено задоволство ни е што полека но сигурно се движиме кон нејзина реализација. Величковиќ е еден од најистакнатите пливачки работници на балканот и пошироко, спортски работник со богато искуство и знаење, човек кој што живее за пливањето и пред се е отворен за соработка и пренесување на искуства во интерес на развојот на пливањето во Охрид а со тоа и афирмација на Охрид и Македонија. Нивната посета на Охрид е почеток, верувам, на едно долгогодишно пријателство од кое се надевам ќе се реализираат многу пливачки проекти на задоволство пред се на нашите сегашни и идни генерации, генерации кои ќе се темел на нашата визија за спортски Охрид. – потенцираше Цветкоски.
OhridNews