Пред една година Сеавус Едукативен и Развоен Центар (SEDC) ја отвори првата Академија за веб програмирање во Охрид. Студентите од првата генерација се во завршна фаза од своите студии, а за тоа кој се може да ја следи оваа академија, програмата и досегашното искуството, разговаравме со Игор Наумовски, сениор програмер во Seavus и тренер на Академијата.

OhridNews: Игор, Вашето искуство како сениор пограмер на Seavus го пренесувате на Академијата за веб програмирање во Охрид. Кој профил на луѓе ја посетуваат Академијата, дали секој може да стане програмер?

Игор: Од искуството од тековната студиска година, имавме студенти од најразличен профил, луѓе со претходно техничко образование, луѓе кои посетувале факултети за јазици, економија, археологија и друго, па дури и тековни студенти на технички факултети. Академијата исто така не е ограничена со старносни или било какви други граници. Многу луѓе ја гледаат поволната ситуација во која се наоѓаме ние во ИТ индустријата и размислуваат како и тие би се приклучиле и би биле дел од истата. SEDC е вистински избор за сите, а ние сме тука да им помогнеме во секој чекор. Да, програмер може да стане секој кој навистина сака да стане програмер . Треба труд, работа и посветеност.

OhridNews: Во октомври ќе дипломира првата генерација од Академијата за веб програмирање во Охрид. Какви се Вашите досегашни искуства од оваа генерација? Ги биват? 🙂

Игор: Ги биват и тоа како, подобар состав од оваа група не знам дали можевме да посакаме. Пред се, сите се одлични и храбри личности кои презеле чекор напред во нивниот живот. Се уште важи истото што им го реков на самиот почеток на Академската година – дека верувам во сите нив и дека ќе успеат ако се трудат.

Јас сум задоволен бидејќи кај нив е забележителен голем напредок, па дури и кај оние кои немале никакво претходно искуство и познавање, но и покрај тоа успеваат да го достигнат нивото, секако, секој зависно од својот личен ангажман.

OhridNews: Важно е да се спомне дека студентите имаа можност да се испробаат на повеќе IT натпревари, „хакатони“ на кои во рок од 24 часа ги развиваа своите идеи за стартап бизнис, а најдобрите отпатуваа и ги презентираа своите победнички решенија во Израел – најголемата стартап нација. Зошто се важни овие натпревари и која беше целата на нивната посета?

Игор: На овие програмерски натпревари студентите имаа можност да го покажат своето знаење, добија одлични коментари и искуство, но и самодоверба дека можат да се носат и со оние кои се натпреваруваа во професионалната категорија.

Учеството на битолскиот хакатон „Биталон“ посветен на еврејската заедница кадешто бев ангажиран и како ментор, се покажа како прав погодок. Една од охридските екипи и една од скопските освоија наградно патување во Израел, земја со најголем технолошки развој и ИТ сцена после Силиконската Долина во Лос Анџелес. Таму имаа неверојатна можност да се сретнат со ИТ професионалци, образовни институции, но и бизнис инкубатори и можност за идни контакти. Секако ова не значи дека треба да се опуштаат, туку да се мотивираат уште повеќе и да продолжат да се развиваат како ИТ професионалци.

OhridNews: Кои веб технологии се актуелни во моментов и што опфаќа програмата од Академијата за веб програмирање?

Игор: Академијата опфаќа програма за т.н. Full Stack развој на апликации. Накратко да објаснам, тоа подразбира програмирање со Front End и Back End технологии.

Првиот дел опфаќа технологии за развој на веб страни и интеракција на клиентска страна, односно програмата се наоѓа на вашиот компјутер отворајќи некоја веб страна со интернет пребарувач. Тука, пред се мислам на HTML, CSS, JavaScript, но и модерните библиотеки како Angular и View.js.
Додека Back End се бави со апликациите кои се сместени на сервер и корисникот има интеракција повторно преку некоја веб страна. Нашиот фокус тука е на програмскиот јазик и алатка на Микрософт C# .NET, моментално еден од најактуелните јазици за програмирање големи коорпоративни апликации. Додека за базите на податоци се фокусираме на MS SQL.

Фондот на часови е навистина голeм, па во програмата се исто вклучени и други практични предмети како алгоритми, дебагирање, клауд програмирање кое во последно време станува тренд и многу други. Во суштина постојат посебни работни позиции за Front End, Back End или Full Stack развивачи на софтвер, па секој може да се определи за тоа што преферира.

OhridNews: Кога се уписите за новата генерација и дали има некакви поволности за нас oхриѓани, па и за оние од соседните градови (да им фатиме врски) 🙂 ?

Игор: Уписите се веќе во тек, траат до самиот почеток на академската година до 15 октомври. Минатата година бевме во ситуација да враќаме заинтересирани студенти поради исполнетост на капацитетите, но оваа година ги проширивме во две групи. За секој случај побрзајте, не чекајте 🙂 За моите мили охриѓани и за сите од околните градови (годинава покрај Охрид имаме студенти од Струга, Ресен, Битола и Неготино) постојат одредени поволности во однос на цената како и дополнителни попусти за ран упис до 15 август. Овие информации се достапни на http://www.sedc.mk/ и https://www.facebook.com/SEDCfanpage/.

OhridNews