А репрезентацијата немаше успешен почеток во квалификациите за Светското првенство во Катар, претрпувајќи пораз (3-2) од Романија, на мечот кој се одигра синоќа во Букурешт. „Црвено жолтите“ одиграа добар натпревар, успеаја да се вратат од 2-0 негатива, но романците со трет погодок ги обезбедија трите бодови.
За еден тренер е жално кога неговиот тим ќе создаде многу шанси за погодок, но на крајот и покрај таа доминација нема да освоите бод. Но, гостувавме кај селекција од вториот шешир и покажавме дека можеме да се носиме со поквалитетни репрезентации. Затоа не смееме тука да застанаме и мора рамноправно да продолжиме во битката за водечките позиции во групата во овој квалификациски циклус. На овој натпревар ако нешто очекувавме тоа беше да се подобри реализацијата, но за жал затаивме на тој план. Не паметам против една селекција од ваков ранг кога сме создале толку шанси, и мислам дека токму нереализацијата беше клучна што не дојдовме барем до бод, – рече селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.
Романскиот селектор Мирел Радои истакна дека е задоволен од натпреварот и победата, изјавувајќи дека очекувал ваков тежок меч со офанзивен фудбал.
Сакам најпрво да искажам честитки на Македонија која не случајно се врати од негатива од 2-0, но ние на крај имавме повеќе среќа и дојдовме до победата. Сепак, имавме бројни шанси на дуелот и заслужено триумфиравме, а победата требаше порано да ја осигураме. Секогаш е тешко да се играат првите натпревари од еден нов квалификациски циклус и затоа сме среќни што дојдовме до трите бода на еден вака тежок натпревар, – рече Радои.
В недела на 28 март, Македонија ја пречекува селекцијата на Лихтенштајн, а Романија силите ќе ги одмери со Германија.
OhridNews