Македонската фудбалска репрезентација не успеа да извлече позитивен резултат на дебито на Европското првенство, претрпувајќи пораз од Австрија (3-1). Австријците победата и трите бодови ги обезбедија со два погодоци во последните петнаесеттина минути од натпреварот. Претходно, Австрија реализираше за 1-0, а Горан Пандев изедначи на 1-1.
Имавме сегменти каде што игравме добро, имавме моменти на пад на концентрација, а на вакви натпреварувања кога играте со квалитетни ривали, нормално е противникот тоа да го искористи. Мислам дека клучна беше шансата на Николов што не ја реализиравме при 1:1, а на спротивната страна, Австријците ни дадоа гол. Главата горе, одиме натаму. Има уште два натпревари. Почнуваме да се подготвуваме за следниот меч, против Украина. Немам зборови за атмосферата што ја направија нашите навивачи и жалам што не успеавме да им возвратиме со позитивен резултат. Се надевам дека ќе ги израдуваме на следниот меч, – изјави селекторот Игор Ангеловски.
Пандев, пак, вели дека пресудиле неколку сегменти, односно дека австријците имале подолга клупа и физички се посилни од нашите репрезентативци.
Одигравме добри осумдесетина минути. Знаевме дека во второто полувреме Австрија ќе притисне.Ние имавме некои контри што требаше подобро да ги искористиме, но таков е фудбалот. Примивме несреќен втор гол и мислам дека тогаш натпреварот беше решен. Сега треба добро да се подготвиме за Украина. Овој натпревар за нас ќе биде одлучувачки. Треба да играме напаѓачки, на сè или ништо, – истакна Пандев.
Капитенот на „црвено жолтите“ со 37 години и 322 дена е втор највозрасен стрелец во историјата на ЕП. Пред него на вечната листа се наоѓа Австриецот Ивица Вастиќ, кој постигна гол на возраст од 38 години и 256 дена на 12 јуни 2008 година против Полска.
OhridNews
Пораз на Македонија, џокерите од клупата и донесоа победа на Австрија (видео)