Младите, идните средношколци и студенти имаа можност да се запознаат со наставните програми и можности кои ги нудат средните училиштата во Охрид и Струга, како и високо образовните институции во градот и државата.

Втора година по ред во организација на Младинскиот Центар Охрид се одржува Саемот за образование и кариера во Касарна Охрид.

Целта е како и претходната година на едно место да успееме да собереме што повеќе ученици од средните училишта. Сите средни училишта моментално се тука плус ПСУ „Јахја Кемал“, но и што повеќе факултети, значи и од високо образование не само од нашиот град. За жал, немаме ни многу избор, но доаѓаат и од повеќе градови, од УКИМ, УКЛО, Европски Универзитет, Интернационален Балкански Универзитет… За разлика од претходната година оваа година одзивот е поголем и се надеваме дека секоја година ќе си расте, ќе продолжи, ќе стане традиција, па зошти не и в година на полигонот да направиме уште поголем саем па да дојдат сите, вели Јован Цветкоски, претседател на Младинскиот центар Охрид.

Присутните на Саемот ги поздрави и заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски кој истакна дека образованието е клучот кој ја отвора врататата кон бескрајните можности, а знаењето ја дава најголемата моќ за остварување на сите соништа.

Овој настан претставува значаен чекор за нашите млади кои стојат пред предизвикот за изборот на соодветна кариера. Во ова време на брз развој важноста на правилниот избор на образование е нешто што неможе да се потцени. Тој ги одредува индивидуалните патишта, но има и големо влијание на општествениот развој во целост. Изборот на кариера не треба да биде само одлука, туку процес на размислување и истражување и самосвест. Младите треба да бидат поттикнати да ги истражуваат своите интереси, да ги проучуваат своите таленти и да ги разгледуваат можностите што им се отворени. Општина Охрид секогаш е подготвена да даде поддршка на вакви иницијативи и да стимулира ваков вид настани, додаде Божиновски.

На годинешниот Саем присуствуваа и ги презентираа своите програми и можности за учење 5 средни училишта и 11 високообразовни институции.

Овие саеми се одлична можност да образовните институции посебно високообразовните да го презентираат тоа што го нудат на идните студенти, можностите за запишување во високо образование, кои знаења, способности и вештини ќе ги стекнат понатаму во нивното образование, вели проф. д-р Јованка Дамоска Секулоска– декан на Факултетот за компјутерски науки и инженерство.

Ова е една одлична можност затоа што на едно место учениците од средните училишта и сите заинтересирани ќе имаат можност да ги согледаат можностите кои ги нудат универзитетите. Во конкретниов случај, нашиот Универзитет за информатички науки „Св. Апостол Павле“ во Охрид којшто во рамки на своите пет факултети нуди современи студиски програми коишто нудат можности за стекнување вештини од основите на информатички науки и технологиите како и студиските програми за примена на информатичките технологии во различни области од општествениот живот. На нашиот Универзитет во последните години интересот за запишување на студенти е огромен, така што сето тоае резулатат пред се на атрактивноста на информатичките науки и технологии, побарувачката за таков профил на пазарот на трудот и секако можностите за стекнувања знаења и вештини кои ги стекнуваат на нашиот Универзитет и можноста за понатамошно професионално унапредување во струката, пред се во однос на можноста за брзо запослување во компании од ИТ секторот, акко и за професионално научно-истражувачко унапредување преку вториот и третиот циклус на студии кои во моментов ги нуди нашиот Универзитет, додаде Дамоска Секулоска.

Бојан Србиноски, раководител на Департментот менаџмент во услужен сектор и Депатментот осигурување и менаџмент со ризик на ФТУ Охрид истакна дека се почесто се дел од вакви настани, посочувајќи дека пракса е и на нивниот Факултет да организираат вакви настани.

Нашиот следен настан е на 10 мај каде ќе имаме отворен ден на нашиот Факултет за туризам и угостителство, на истиот принцип саем за образование на кој можат да се спојат средношколците, студентите, компаниите и факултетите од Униветзитетот и да се запознаат со студиските програми и можностите за кариерен развој на студентите и средношколците. На Факултетот во принцип имаме еднаква пропорција на дистибуција на студенти во секоја насока, но најатрактивни се царина и шпедиција и нашата понова програма менаџмент во услужен сектор која има четири подмодули и студентите можат да си го определат модулот на студирање во четврата година. Значи на почеток студираат генерално менаџмент, а потоа можат да се определат на некој од четирите модули да студираат. Во поглед на трендот на студенти иако има одредено намалување, сепак тоа зависи од насоките. Насоките царина и шпедиција и менаџмент во услужен сектор се континуирано атрактивни, но во последно време гледаме и во насоките гастрономија и хотелско-ресторански менаџмент поради големата побарувачка на труд во тие сектори имаме и заинтересираност за тие програми, потенцира Србиноски.

РЦСОО „Ванчо Питошески“-Охрид е угостителско-средно училиште кое ги нуди сите кадри кои се моментално дефицитарни на пазарот на трудот во областа на туризмот и угостителството, истакна Милена Илиеска, професор по стручни предмети во РЦСОО „Ванчо Питошески“-Охрид.

Ние имаме тригодишно образование, келнер, готвач и слаткар и четиригодишно образование, угостителски техничар, угостителски техничар за рурален туризам, хотелско-туристички техничар и хотелско-ресторански техничар кој ни е понов смер во последните две години. Во нашето училиште имаме дуално образование при што учениците повеќе учат практично отколку теорија. Теоријата ја преточуваат во пракса со практичната настава која се обавува во рестораните и во нашите кабинети по практична настава. Се надеваме дека ќе имаме доволно ученици да се запишат во нашето училиште, затоа што моментално е многу барана струка посебно во Охрид и Струга, во нашиот регион во којшто ние сме и сместени. Регионалниот центар има стручни професори коишто можат и практично и убаво да ги спремат учениците за работа и да добијат доволно практична настава не само во училиштата туку и надвор во објектите со кои соработуваме и стручните соработници, додаде Илиеска.

Свесноста во поглед на кариерното советување, кое истот така се нуди на Саемот за кариера и образование, е сеуште на ниско ниво и кај основците и кај средношколците, вели Марија Коваческа, меѓународно сертифициран советник за развој на кариера.

Долги години се работи на ова и мислам дека будењето почнува веќе. Едноставно мора да се направи можеби многу поголема кампања за да го сфатат значењето на кариерното советување за самите себе. Ние како кариерни советници работиме на поддршка на младите во смисла на тоа да се запознаат себеси, кои се нивните интереси, кои се нивните вредности, способности. Добиваат една целосна слика за себе која после тоа ги води низ процес на истражување. Прво работат на себе, потоа на се тоа што како можност го имаат во околината во смисла на места за вработување, пазар на труд, училишта каде можат да стекнат соодветно образование и врз основа на тоа прават една рефлексија којашто ги води до донесување на одлука која е најдобра за нив, во смисла на развојот на нивната понатамошна кариера и врз основа на тие истражувања што ги прават изработуваат план кој ги води со чекори, чекори како да стигнат до она што е за нив идеална кариера, потенцира Коваческа.

Н.С.Ј.