Проблемот околу недостигот на кадар во ИТ и ИЦТ индустријата е светски тренд, а не проблем само во Република Македонија, беше истакнато на седмата конференција за информатичка технологија, што денеска започна во Охрид.


На дводневниот собир, што го организираат Стопанската комора  за информатички и комуникациски технологии и МАСИТ, околу 180 претставници на најголемите ИТ компании од Југоисточна Европа ќе дискутираат за најновите информатички достигнувања и развојот на ИТ- технологијата.


На присутните им се обрати вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски кој упати порака до македонските ИТ компании да ги обединат ресурсите за да бидат повеќе конкурентни на светскиот пазар.

Било која компанија што сака да биде успешна и да се развива, мора да се шири надвор од држвните рамки. Во таа насока, големиот број ИТ проекти што се финансирани од Владата, но и во индустријата воопшто, треба да бидат подлога за создавање на партнерства меѓу македонските и странските компании, чии производи и услуги со многу повисока додадена вредност ќе бидат извезувани надвор од Македонија, истакна Пешевски.


ИТ конференцијата во Охрид претставува собир на сите асоцијации за информатичка и комуникациска технологија од регионот на Југоисточна Европа, на кој се разгледуваат постигнувањата, стратегиските правци на развојот и активностите во оваа исклучително развојна и инвестициски поттикнувачка дејност.

Ohridnews