Ниту од втор обид не е избрано идејно решение за реализација на проектот за возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник.

Според жири комисијата ниту еден од пристигнатите проекти на конкурсот не одговара на барањата за изградба на комплексот Плаошник. Таа доделила втора и трета награда, но не и прва. Поради тоа конкурсот ќе биде продолжен за уште еден месец.

Во изјава за медиумите дадена вчера, директорот на Управата за заштита на спомениците на културата, Паско Кузман изрази чудење што ниту од втор обид не е избрано идејно решение за изградба на универзитетот на Плаошник. „На проектантите им беше дадена целосна слобода овој пат, без никакви ограничувања“ вели Кузман во изјавата што ја пренесоа националните медиуми.


Идејно решение за Плаошник од “трета мајка“

Во рамки на возобновениот универзитет е предвидено да има галерија на икони, библиотека, простории за книжевни, научни и други активности, а се очекува во комплексот да функционираат средното богословско училиште или Теолошкиот факултет. По двете пролонгирања на  крајниот рок за избор на идејно решение неизвесно е кога ќе започне изградбата на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник каде во изминатите две години се вршеа истражувачки работи.

Како што е познато, Свети Климентовиот универзитет функционирал од крајот на IX век до почетокот на X век, односно до смртта на Св. Климент Охридски, првиот словенски епископ, светител и просветител на македонскиот народ. Во историската наука оваа рано-средновековна просветна и културна институција е наречена Прв словенски универзитет, најстар во Европа. Познато е дека Св. Климент со своите соработници просветил повеќе од 3500 ученици кои по неговата смрт отишле по словенските земји ширејќи ја христијанската вера, писменоста и науката меѓу народите од словенскиот род. Одблесоците на овој Универзитет се чувствувале по целиот среден век, а се чувствуваат и денес во рамките на духовните традиции кои се наше културно и духовно наследство.

Ohridnews