Скоро две години во просториите од црквата Св. Ѓорѓија, Горна Влашка Маала, се одржуваат бесплатни куреви по германски и англиски јазик. Ја посетивме групата по германски, курс кој го води Сашо Ангелески, млад човек што живеел повеќе од 13 години во Келн, Германија. По иницијатива на католичката црква во Охрид (која го финансира проектот, а „Св. Ѓорѓија“ ги обезбедува просториите) Сашо се нафатил волонтерски да предава германски јазик иако не е професор по вокација. Сепак, одлично ја познава структурата на германскиот јазик и со успех го пренесува знаењето:

„Според моја евиденција, во изминативе две години почетниот курс по германски го завршиле повеќе од 130 луѓе. Кај нас важи правилото од 7 до 77. Имаме курсисти од 7-8 години и најстариот Владо од с. Рамне кој на свои 75 години одлучи да изучува странски јазик. Обично посетители на овој курс се невработени луѓе и ученици кои слободното време го користат да научат нешто ново, што би им користело при следното вработување“ – вели Сашо.
Уште не` информира дека после новогодишната пауза курсевите ќе продолжат до на пролет, а најверојатно реализирањето на проектот ќе продолжи низ целата 2007.
Па, ако има некој расположен за „шпрехање“ нека
повели во „Св. Ѓорѓија“ секоја среда од 19.30ч.


И старо и младо – на германски


Охрид, 27.12.2006                                                                                                           С. Костоски