Најдобриот македонски фудбалер за 2012 година, Агим Ибраими се огласи за одлуката на Горан Пандев да се повлече од селекцијата на Македонија. Според фудбалерот на Каљари, капитенот на репрезентацијта направил коректно решение иако тој не сака да е така.

– Не сме свесни што значи Горан Пандев. И јас би реагирал како него. Тој е мој капитен и јас ги поддржувам сите негови постапки. Знаете ли зошто!? Затоа што со него почнува и завршува фудбалот во Македонија во овој момент. Ова го зборувам од се срце затоа што јас така мислам. Што би биле ние без него!? Сигурно една голема нула и безвредна репрезентација без лидер, без ѕвезда – истакна Ибраими.

Најдобриот стрелец во репрезентацијата во квалификациите за мундијалот говори и за големината на Пандев на Апенините и како е третиран во нашата земја.

– Јас сум тука неколку месеци во Италија. Тука тој е ’Гранде’. Тука па и секаде во Европа и светов кога ќе кажеш Македонија веднаш те поврзуваат со него. Тој е најголемиот амбасадор на мојата родна земја и се гордеам што играм со него. Во ниту еден момент Пандев не го заслужи третманот на дел од публиката во Македонија која не знае да ги цени вредностите на еден голем спортист и Македонец. Да го ценат барем 10% како што го ценат тука, во Италија, сe би било супер – заклучи Ибраими во интервјуто за „Македонски спорт“.

Мх.П.