Иако дел од подготвителните активности на земјиштето кај Горица каде што треба да се изгради хотелот од ланецот „Small luxury hotels“, започнаа во месец февруари годинава, до сега не се регистрирани посериозни градежни зафати и се уште не е започната официјалната изградба на објектите од овој луксузен хотелски бренд.

Според најавите, хотелот од брендот „Small luxury hotels“ треба да го гради домашната компанија „Дивелоп груп“ на површина од околу 7 илјади метри квадратни. Хотелот треба располага со 100 соби и со околу 200 легла и истиот според најавите од охридската локална самоуправа би требало да започне со работа за околу две години.

-Со тоа охридскиот хотелски туризам влегува во една нова насока кога следејќи ги потребите и барањата на туристите кои што доаѓаат во Охрид се менува и квалитетот и стандардите се подигаат  на едно повисоко ниво онака како што Охрид заслужува, изјави градоначалникот Никола Бакрачески во февруари годинава.

Надлежните од  Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид изјавија дека немаат конкретни информации кога ќе започнат градежните работи и не упатија да се обратиме кај инвеститорот. Иако упативме писмени прашања на една од официјалните електронски адреси на компанијата „Дивелоп груп“ до објавувањето на прилогот не добивме никаков одговор.

Инаку, брендот „Small luxury hotels“, има синџир од 520 хотели во околу 80 земји низ целиот Свет.

Според најавите, освен хотелскиот комплекс од ланецот „Small luxury hotels“ кој треба да се гради на потегот кај Горица, во делот кај каналот Студенчишта во текот на оваа година беше најавена и изградба на нов луксузен хотел од страна на „Фибула Ер Травел“. Исто во текот на пролетните месеци годинава беше најавено дека нов хотелски капацитет ќе се гради и на потегот кај поранешната Детска болница, во населбата „Свети Стефан“, чие што земјиште на јавна аукција го купи скопската фирма „Камфуд“.

Е.М