Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски на денешната прес-конференција презентираше нелегално снимени телефонски разговори за изборните нерегуларности во неговата општина, јавува Радиото „Слободна Европа“ – РСЕ.

Тој рече дека човечињата што се држат за раце, како што власта ги нарекува гласачите од Пустец, ги видовме на гласачките места и можевме да видиме каква важност имаат во Општина Центар и оти на премиерот Никола Груевски и на шефот на тајната полиција Сашо Мијалков им било важно да победат во Општина Центар пред сè поради криминалите во проектот Скопје 2014, рече тој. Може да се чуе што сè правеле Груевски и соработниците во изборните кругови и какви планови за злоупотреба на власта и поткуп на советници имале, рече Жерновски, пренесува РСЕ.

Тој на прес конференцијата презентираше повеќе разговори на функционери од власта како разговараат околу избирачкиот материјали, вадење на избирачките списоци, известувањето на новинарите за одредено писмо во кое наводно имало фалсификуван потпис, за гласачи од Пустец… 

Жерновски на крајот рече дека не знае дали треба уште докази за да сфатиме со кого си имаме работа. Груевски, како што рече Жерновски, нема легитимитет да ја води државата и владата. Тој исто така побара оставки и преодна влада и најави нови прес-конференции во останатите општини во земјата, пишува на онлајн страницата на РСЕ.

OhridNews
извор: „РСЕ“