Вакцинацијата против КОВИД-19 се препорачува за трудници. Сите кои имаат 18 години и се постари од 18, вклучително и оние кои се бремени, кои дојат, се обидуваат да забременат сега или планираат во иднина, треба да бидат целосно вакцинирани, велат во соопштението од Институтот за јавно здравје.
Вакцината може да заштити од сериозни(тешки) компликации при КОВИД-19, а здравата мајка е важна за здраво бебе, се вели во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје. Ако жената забремени откако ја добила првата вакцина против КОВИД-19, а се потребни две дози (т.е.„Фајзер“ или вакцина „Модерна“), треба да ја прими втората вакцина за да добие што е можно поголема заштита. Пред вакцинација против КОВИД-19 во бременоста се препорачува задолжителна консултација со матичниот гинеколог во врска со процената на возраст на пациентката, потоа гестациската старост на плодот и секако претходни индивидуални здравствени состојби, ризици и заболувања, се вели во соопштението.
Потребно е да се знае, се додава во сооштението, дека бремените жени имаат поголема веројатност да се разболат од КОВИД-19 (со последици) во споредба со останатите жени кои не се бремени, вакцинацијата може да заштити од тешки заболувања кои може да ги предизвика КОВИД-19 и се препорачува на жени кои планираат да забременат во иднина, се бремени или пак се доилки, бремените жени можат да примат бустер доза, доказите за безбедност и ефективност на вакцината против КОВИД-19 за време на бременоста растат, во моментов нема докази дека која било вакцина, вклучувајќи ја и вакцината против КОВИД-19, предизвикуваат проблеми со плодноста кај жените или мажите.
Раните податоци за безбедноста на примањето на вакцина против mRNA („Модерна“ или „Фајзер“) за време на бременоста се смирувачки. Податоците од системите за следење на безбедност не откриваат никакви грижи и сомнежи за жени кои примиле вакцина против mRNA КОВИД -19 доцна во бременоста или за нивните бебиња. Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина против mRNA КОВИД-19 непоосредно пред и за време на раната бременост (пред 20-та недела од бременоста), велат од ИЈЗ.
Вакцинацијата за време на бременоста создава антитела кои би можеле да го штитат бебето. Потребни се повеќе податоци да се утврди како овие антитела, слични на оние произведени и од други вакцини можат да обезбедат заштита на бебето. Ретко можат да се појават несакани ефекти по примањето на која било од достапните вакцини за КОВИД-19, особено по втората доза на вакцина. Жените кои се бремени не пријавиле различни несакани ефекти од жените кои не се бремени и останатите вакцинирани луѓе по вакцинацијата со mRNA КОВИД -19 („Модерна“ или „Фајзер“), се додава во соопштението.
Досега не се пронајдени податоци за штетни состојки кои би можеле да и наштетат на бремената жена како и на нејзиниот плод, ниту пак можат да предизвикаат КОВИД -19 акутни инфекции, стои во соопштението на Институтот за јавно здравје.
OhridNews