Заклучно со 26.04.2020, пријавени се вкупно 1.399 случаи на КОВИД-19 во земјава. Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на КОВИД-19 се регистрирани во 27 градови низ државата. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје, Куманово и Прилеп, додека највисок леталитет (со исклучок на странскиот државјанин од Кавадарци) се регистрира во Струга.
Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Куманово со 263,5 заболени на 100.000 жители, Дебар (183,8/100.000) и Прилеп (150,0/100.000), додека инциденца над 50 заболени на 100.000 жители е регистрирана во Велес, Струга, Скопје, Штип и Кочани. Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 662 машки и 737 женски лица. Специфичниот морбидитет кај машките е 63,9/100.000, додека кај женските 71,4/100.000. Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години (просек–44,7 години). Најголем број на заболени се на возраст од 50-59 години.
Во однос на датумот на пријавување, првиот случај е регистриран во 9-та недела, а од 11-тата недела во 2020 континуирано се регистрираат нови потврдени случаи. Највисок број на пријавени случаи на дневно ниво е регистриран на 15.04.2020. Од пријавените случаи, 22,9% (н=320) се/биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле/се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.
Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,8%), кашлица (53,2%), малаксаност (34,7%), треска (19,0%), главоболка (16,4%), болка во грло (15,8%) и отежнато дишење (15,0%). Кај 485 или 34,7% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 344 или 70,9% имале контакт со веќе потврден случај во државата.
Во однос на коморбидитети, кај 395 (28,2%) лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 267 лица имаат кардиоваскуларна болест, 87 со дијабет, 76 лица се со хронична белодробна болест, 18 со хронична бубрежна болест и 55 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 162 (41,0%) се присутни коморбидитети. Регистрирани се 228 (16,4%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.
Регистрирани се 65 смртни случаи (Лт = 4,6%). Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (н=43) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 11,2/100.000 жители. Регистрирани се 46 смртни случаи кај лица од машки и 19 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 50 (76,9%) се регистрирани коморбидитети.
Од вкупниот број на случаи, 96 (6,9%) се импортирани, од нив едно лице е детектирано на точка на влез (Меѓународен аеродром Скопје). Вкупно 829 лица (59,3%) имале контакт со веќе потврден случај на ЦОВИД-19 во државата.
Од 15.02.2020 до 26.04.2020 тестирани се вкупно 15.409 материјали (детектирани 1.399 позитивни лица) во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-Cov. Со ова во Р. С. Македонија се направени 7.447 теста на 1.000.000 жители. Според исходот од заболувањето, кај 780 лица (55,8%) се активни случаи, 553 случаи (39,5%) се водат ако оздравени (68 од нив се здравствени работници), испишани од болница или се со два негативни теста по домашното лекување . Од случаите кои се водат како оздравени, 119 (21,5%) биле хоспитализирани додека останатите 434 (78,5%) биле на домашно лекување.
OhridNews