Откако востановил дека гостите во неговите објекти заборавиле неверојатни 75 илјади плишани мечиња, хотелскиот ланец „Травелоџ“ одлучил да спроведе анкета, сомневајќи се дека станува збор само за детски играчки. Истражувањето покажало дека 35 проценти од возрасните британци спијат со плишани мечиња, бидејќи им помагале полесно да заспијат и да се ослободат од стресот.

Повеќе од 50 проценти од испитаните признале дека го зачувале своето мече од детството, од кои некои биле стари и по 30 години. Иако 56 проценти од испитаните сметале дека е нормално да се има мече без оглед на годините, секој десетти неженет човек признал дека би го сокрил од својата партнерка. Дури 10 проценти од жените и 15 проценти од мажите признале дека плишаното мече им е најдобар пријател.