Вработените во француската компанија за изработка на накит Картие стапиле во штрајк прв пат во историјата на таа фирма, барајќи зголемување на платите. Стотина вработени во компанијата, незадоволни од висината на платата, протестирале веќе неколку дена барајќи зголемување на платата за 200 евра. Ним им се придружиле и колегите од Ремс. Картие сега е во сопственост на швајцарската компанија Ришмон, која исто така е сопственик на познатите брендови Ван Клеф и Арпл и Мон Блан.
Една од учесничките во протестот која е незадоволна од месечната плата од 1300 евра после 13 години работен стаж рекла дека ова е прв пат откога постои фирмата работниците да штрајкуваат. Учесниците во протестот велат дека нема да се откажат од штрајкот се додека не им се исполни барањето. Во вторникот претставници на управата на фирмата предложиле бруто зголемување на месечните плати за 75 евра, што работниците одбиле, сметајќи дека тоа е понижувачка понуда.