Повеќечасовната средба на вицепремиерите Зоран Ставрески и Абдулаким Адеми, министерот за образование и наука Перо Стојановски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, со градоначлникот Рамиз Мерко и претставници на локалната самоуправа и средните училишта, не донесе решение за меѓуетничките тензии во општинското средно училиште „Нико Нестор“.
Владиниот портпарол Шефик Дураку изјави дека на средбата биле разгледани проблемите во средношколскиот центар во Струга, како и повеќе можни решенија за надминување на кризата. Решение не е донесено, но било договорено разговорите да продолжат утре во присуство на претставници на родителите на учениците Македонци и Албанци, информираше Дураку. „ Нашиот апел до учениците, родителите, професорите и до сите стружани е, да си преземат дел од одгговорноста што им следува за состојбата и да придонесат во смирувањето на страстите“, рече Дураку.
Според Дураку проблемот во средното училиште Нико Нестор непотребно добил етничка конотација, а одлуката за воведување јазични смени можеби била малку погрешно сфатена.