Предлогот на Закон за генетски модифицирани организми – ГМО, е ставен во владина процедура, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Предлог Законот за ГМО ги регулира основните принципи за управувањето со генетски модифицирани организми и обезбедува висок степен на заштита на здравјето на луѓето и животната средина. Соласно член 31 од предлог законот Владата на РМ на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање и во консултација со Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, ги утврдува подрачјата со површини на кои не може да се ослободи ГМО материјал во животната средина. „Согласно истиот член не е допуштено ослободување на ГМО во природата во заштитени подрачја , подрачја наменети за екотуризам и подрачја прогласени за заштитени зони, што значи дека тоа се однесува и на градот Охрид како заштитено подрачје“, ни изјави државниот секретар во Министерството за животна средина, Дејан Паноски.
Неодамна Советот на општина Охрид усвои Декларација за забрана за употреба на Генетски модифицирана храна-ГМО и одгледување на истата на територијата на општина Охрид, со што Охрид им се придружи на над 4000 европски општини кои кажаа не на ГМО. Ваквата одлука ја поздрави и еколошкото друштво „Грашница“, од каде сметаат дека таа е сообразна со целите на хуманата екологија и ќе ги заштити граѓаните од ризиците на храната која ја следат контроверзи од здравствен, етички и социјален аспект.
Г. Момироски