Во длабоко поделеното македонско општество, дополнителна поделба внесе најавената вакцинација против вирусот Ковид 19. Охрид не е исклучок. Тоа го потврдува и анкетата што изминатиот месец за свои потреби ја спроведе OhridNews. На прашањето: „Дали ќе се вакцинирате против Ковид 19?“, од 2190 учесници, 54% или 1176 одговориле негативно, додека 46% или 1014 искажале подготвеност да учествуваат во процесот на имунизација.
Освен поединечни анкети, засега не се прецизира колкав дел од населението во државата ќе биде опфатен со имунизацијата, која ќе се спроведува на доброволна основа. При правењето било каква математика треба да се има предвид и дека вакцината не се препорачува на лица кои веќе ја прележале болеста и на помлади лица, како и на одредени категории граѓани со специфични здравствени проблеми.
Но, засега најголем проблем претставува тоа што земјава се уште не располага со ниту една доза вакцина против Ковид 19. Првата пратка од 200.000 вакцини се очекува од Кина, а се прават напори овој месец да пристигне и првата тура вакцини од „Фајзер“, а најавена е и одредена количина вакцини од производителот „Астра Зенека“.
Првично најавената количина вакцини е доволна за имунизација на околу 100.000 луѓе, бидејќи ќе се врши ревакцинација. Македонската влада очекува преку КОВАКС системот да обезбеди 800.000 вакцини против Ковид 19, кои во земјата ќе пристигнуваат етапно, а за купување на исто толку се разговара со компанијата „Фајзер“.
Приоритет при вакцинацијата ќе имаат здравствените работници, старите лица, хроничните болни и ризичните професии. Сите граѓани од денес ќе можат онлајн да пријават интерес за вакцинирање против Ковид 19 на специјализираната веб страница vakcinacija.mk. Процедурата ќе се одвива преку системот „Мој термин“, односно матичните лекари.
Системот сам ќе генерира приоритети, што значи дека ќе ги прими податоците дури и за помладите кои немаат хронични болести, а кои изразуваат волја за вакцинација и тогаш кога ќе дојде редот за вакцинација ќе им стигне соодветно известување, појасни министерот за здравство Филипче.
После контактирањето од страна на матичниот лекар се регистрира информацијата во системот „Мој Термин“ во кој се кажува волјата за вакцинација и понатаму се прави точен распоред со време и пункт согласно со близината во однос на местото на живеење и тоа е доволно да се закаже термин и нормално дека ќе се очекува граѓанинот ќе се јави на вакцинација, истакна Филипче.
Вакцинацијата ќе се одвива во центрите за имунизација во градовите, а доколку има потреба во функција за оваа намена ќе бидат ставени и модуларните болници.
Г. Момироски
Следна анкета: Дали државата треба да им излезе во пресрет на матурантите?