Генералниот директор на Организацијата на Обединетите нации за наука, образование и култура (УНЕСКО), Коичиро Мацура во пораката што ќе ја испрати денеска по повод Светскиот ден на поезијата ги осудува вандалските чинови врз бистите на поетите Ацо Шопов и Славко Јаневски, што пред неколку недели беа обезглавени во центарот на Струга.
Мацура во пораката наведува дека „е длабоко загрижен од ваквиот чин“ и изразува верување дека, кој и да бил мотивот на вандалите, македонските власти ќе умеат соодветно да одговорат на оваа ситуација.
Осквернавените бисти во Струга
Сквернавењето на бистите на писателите го осудува и локалната самоуправа. Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, вели дека овој вандалски чин е дело на добро организирана група крадци која оперира во Струга веќе подолго време, за што на неколку пати била побарана заштита од полицијата.
„Се краде се` што е од месинг и бакар, не само бисти, туку и други предмети. Во последната година и пол стално ја известуваме полицијата за ваквите појави, но кражбите продолжуваат и понатаму. На некој начин или не` опструираат органите на прогонот или и тие не можат да излезат на крај со крадците. Овој вандалски чин е за осуда и нема национална позадина. Крадците не гледаат националност туку крадат се` што им е потребно“, вели Мерко.
„Крадците не гледаат националност“. Рамиз Мерко
Мерко информираше дека во обид да се спречат ваквите појави биле организирани неколку тркалезни работилници со претставници на МВР, ОБСЕ и невладиниот сектор, но кражбите и понатаму продолжиле. Тој изрази надеж дека бистите на писателите ќе бидат обновени до следните Струшки вечери на поезијата и дека вакви работи во иднина нема да се случуваат.
Пораката на Мацура по повод Светскиот ден на поезијата официјално ќе биде прочитана вечерва на свеченост во седиштето на УНЕСКО во Париз. Инаку свеченоста ќе биде посветена на лауреатот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, еден од најголемите палестински поети, Махмуд Дарвиш. На свеченоста ќе биде прикажан и филм за неговиот живот и дело, а ќе се чита и поезијата на лауреатот на француски и на македонски јазик.
Г. Момироски
Фото: С. Костоски